Бизнис
25. November 2021 - 16:42

Се прават последните пресметки - колку ќе расте цената на струјата?

Колкаво зголемување на цената на струјата ќе се бара, енергетските компании  не откриваат. Тие ги прават последните пресметки на трошоци. Според информациите  растот би се движел до 10 отсто. Сапак официјално,  каква ќе биде цената  ќе се знае по 20 декември.

Од ЕВН посочија дека без податоците од другите енергетски компании, не може да се каже во која насока ќе се движи цената.  

Прелиминарни пресметки за цената на електричната енергија во наредниот период не можат да се направат без да се знаат влезните параметри : цената по која ќе се набави електрична енергија од АД ЕСМ, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО,цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција, односно дали сите тие цени ќе претрпат измени, се вели во дописот на ЕВН.

За сега е познато дека ЕСМ на владина седница идната недела, ќе бара зголемување на производната цена која сега е 36 евра за мегават, но за колку од компанијата не кажуваат. Од таму потенцираа дека цената се уште се крои и од тие причини не се јавиле на тендерите на Универзалниот снабдувач.  ЕСМ  учествуваат со над 30 проценти во крајната цена за потрошувачите. И од Мепсо посочија дека нивните трошоци ќе бидат зголемени.  Но учеството компанијата во цената  е најмало и изнесува од  3 до 4 отсто. Овој пат големо влијание врз сметките  ќе има и набавката на струја во изминатиот период, која чини над 10 милиони евра.

Поради падот на домашното производство, потребите од струја се надоместуват од меѓународната мрежа, за што Мепсо кон Европа треба да плати фактура од 18,5 милиони евра.

Поради потфрлањето на производството,  вчера беа  разрешени и директорите на Рек Битола и Тец Осломеј, но најавени се и нови кадровски промени. Во меѓувреме на сведските  берзи цената и натаму е над 200 евра за мегават час.