Македонија
7. August 2020 - 16:59

Се поизвесно отворањето на училиштата - анкетите покажале дека родителите поддржуваат ваква одлука

Се поизвесен почетокот на учебната година со физичко присуство на учениците. Одлуката, според најавите на надлежните, ќе се официјализира следната недела.

Деца со маски, скратени часови, засилено сменско работење, посебни хигиенски услови. Протоколите се веќе разгледани и прифатени, а учениците и родителите можат да се подготвуваат за 1-ви септември.   

“Мислам дека не би требало да прејудицираме, но преовладува позитивното мислење и во Кризниот штаб и во Владата, но и во образовните институции, да почне учебната година со физичко присуство”.

Одлуката за враќање во училишните клупи ја поддржуваат и поголемиот дел од родителите, но и наставниот кадар. Резултатите од истражувањето за искуствата од далечинското учење презентирано денеска покажувааат дека 46 проценти од родителите се за редовна настава од септември.

На истражувањето базирано на онлајн анкета во јуни и јули на речиси 10 илјади наставници, директори на училишта и родители работеа Министерството за образование, но и УНИЦЕФ, од каде предупредија на сериозните негативни ефекти доколку децата останат дома.

“Од новите докази гледаме дека постојат многу негативни последици доколку училиштето е затворено подолг период. Овие докази се многу сигурни. Има големи последици по учењето, безбедноста, здравјето и добросостојбата на сите деца”.

Секој петти родител одговорил дека не е време за враќање на децата на училиште, а наставата треба да продолжи онлајн.

“Одлуката за продолжување на учебната година во март и април преку електронски пат беше неопходна. Немаше друга опција, во спротивно ќе требаше да ја прогласиме годината за неуспешна. Мислам дека не би требало да предизвика голем проблем во јавноста организирањето на наставата со физичко присуство”.

Заклучоците од истражувањето ги изнесоа на виделина потешкотиите со кои се соочија сите учесници во образовниот процес од почетокот на пандемијата. Мнозинството наставници не успевале да стапат во контакт со некои од учениците, а работните обврски ги спречувале родителите да поддржат своите деца за време на учењето на далечина.

На недостатоците денеска се осврна и Народниот правобранител, од каде посочија дека најпогодени биле учениците во руралните средини, од социјално загрозените семејства, како и учениците со попреченост.