Македонија
4. April 2020 - 19:49

Се почитува полицискиот час во Куманово

Куманово го живее својот прв ден под постојан полициски час. Студен и врнежлив, им помогна на жителите во неговото почитување, а забраната за движење ќе трае до пет часот изутрина во понеделник.

Тивко и празно – се единствените зборови кои го опишуваат градот кој го запре нормалното функционирање на животот за време на викендите.

Строгата забраната за движење беше воведена за да запре брзото ширење на коронавирусот во Куманово, градот со најголем број случаи на Ковид 19 по Скопје.

Кумановци дисциплинирано ја прифатија рестриктивната одлука на Владата. Досега не се регистрирани прекршувања на полицискиот час.

Најголемиот проблем за жителите беше краткиот рок за подготовка за целосна викенд изолација. Токму затоа, од Општинскиот кризен штаб изутрината побараа, а Владата одобри, во саботите и неделите да се определи еден или повеќе маркети, од каде волонтери ќе им ги доставуваат потребните продукти на граѓаните.

“Владата го задолжи Општинскиот кризен штаб на општина Куманово да определи економски оператор/и – маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на подрачјето на Општина Куманово, во деновите сабота и недела”, напиша премиерот Спасовки на ФБ.

Меѓу останатите мерки кои ги побара кризниот штаб од Куманово се и организарање на дежурства на аптеки во градот. Апелираат до граѓаните, сите кои имаат потреба за итни излегувања од дома за време на полициски час, да го најават своето излегување на телефонскиот број 192.

Се бара и посебна асистенција за најзагрозените социјални случаи, кои можат да се обратат до штабот за секаква информација.

Забраната за движење во вториот најзагрозен град во Македонија по главниот, продолжува и од понеделник до петок, но од 16 до пет часот. Мерката е донесена по препорака на Комисијата за заразни болести.