Македонија
25. February 2021 - 16:37

Се партизира ли ангажирањето попишувачи - Власта негира, опозицијата обвинува

Партиската припадност не е предуслов за избор на попишувачи, тврди директорот на Државниот завод за статистика. Апостол Симовски не е запознаен со обвинувањата на опозицијата дека власта собира партиски војници за пописот,  а партиски ограноци на СДСМ интензивно го шеруваат конкурсот за избор на попишувачи. Тој смета дека огласот е јавен и секој може да го сподели.

На само три дена пред истекот на рокот се пријавиле повеќе од половина од потребниот број на попишувачи. Симовски очекува дека ќе има доволен број на кандидати.

Опозицискиот лидер Мицкоски изјави дека скандал е тоа што  партиски луѓе ќе спроведуваат државен попис. Апелираше до Меѓународната заедница да ја вразуми власта да го одложи пописот поради пандемијата.

- Ова со партиските војници јас го најавив уште пред неколку недели. На овој начин сакаат да депонираат пари да ги платат затоа што нема кој да им работи на терен за локалните избори, сега да направат какво такво мапирање но тоа е политиканство, тука нема врска со реалноста. Треба да се вразумат, да го одложат пописот.

Од владеачката СДСМ пак велат дека е скандалозно свесно и намерно да блокираш попис кој треба да се спроведе по цели 19 години, како што тоа го прави опозициската ВМРО ДПМНЕ.

„Ги повикуваме сите граѓани, сите заедници, сите партии и секој заинтересиран за подобра иднина, сите да се вклучат во споделување на повикот за попишувачи објавен од Државниот завод за статистика.

Потребни се попишувачи кои ќе се пријават на јавен, отворен, транспарентен и државен повик.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да се откажат од блокадите, да го споделат јавниот повик и сите следни повици поврзани со пописот.“

Пописот треба да се спроведе од 1ви до  21 април. За помалку од една недела електронски  ќе се попишуваат граѓаните кои се надвор од државата.