Бизнис
12. November 2025 - 16:45

Се бара решение за 550 вработени во „Лукоил Македонија“

Се бара решение за 550 те вработени во „Лукоил Македонија“. За да продолжат со работа и по 21 ноември, првиот регулатор вели дека ќе се преземат сите мерки овие луѓе да не останат на улица. Откако пропадна обидот за преземање на Лукоил од страна на Гунвор груп, неизвесно е што ќе се случува со руската нафтена компанија. За неполни две недели нема да и бидат дозволени никакви транскации, а во моментов на 40-те бензиски пумпи низ државата забрането е да се плаќа со Виза и Дајнерс картичките. 

„Имав средба со претставникот на „Лукоил Македонија“ и тој ќе ги преземе сите мерки за тие луѓе да не останат без работа. Значи, „Лукоил“ може и понатаму да работи и да обезбедува нафтени деривати. Досега, најголем дел обезбедувал од Бугарија, но може да обезбедува и од други земји, така што во тој дел треба да му дадеме шанса и понатаму да работи, не мора да се снабдува со деривати обезбедени од руски рафинерии“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

Инаку Лукоил се присутни во над 30 земји, а имаат рафинерии во Бугарија и Романија. Денеска романскиот министер за енрегетика на социјалните мрежи напиша дека и тие, по примерот на Бугарија, ќе го национализираат имотот на руската нафтена компанија. За да не се соочат со недостиг на нафта, подготвуваат закон за преземање, со што ќе се обезбеди целосно усогласување со меѓународните ограничувања, ќе се заштитат работните места на 5.000 вработени и ќе се гарантира стабилност и безбедност на енергетскиот систем, напиша на ФБ романскиот министер за енрегетика Богдан Иван.

Бугарија пак, е загрижена дали ќе има доволно гориво откако ќе стапат санкциите на сила. Резерви има само за еден месец, затоа бараат владата да ги активира договорите со Европската Унија, со оглед на тоа дека 50% од готовите горива и дел од суровата нафта се прозиведуваат во други земји од Унијата. Во моментов Бугарија забрани извоз на горива и ја стави рафинеријата во Бургас под државна контрола – со можност за нејзина продажба.