Македонија
25. October 2020 - 19:48

СДСМ ќе бира лидер на непосредни избори, Заев не гледа проблем во дополнителна декларација со Бугарија

Во скратен мандат СДСМ постигна многу на сите полиња - по решавање на спорот со Грција и потпишувањето на договорот со Бугарија, се отвори евроатланската перспектива за државата, изјави Зоран Заев на денешниот конгрес на партијата. Очекува земјата во декември да ги почне преговорите со Европската Унија, а најавените блокади од официјална Софија очекува да се надминат со примена на постојниот договор и работата на мешовитата историска комисија. Ако е потребно подготвен е да потпише и дополнителна декларација со Софија. 

Според Заев, државата во изминатиот период успешно се справувала со корона кризата, а последиците по економијата биле санирани со првиот пакет мерки за помош на стопанството и граѓаните. Најави дополнителни 500 милиони евра помош.

Во насока на демократизација на партијата, Заев најави дека следниот претседател на партијата ќе се избира на непосредни внатрепартиски избори на кои секој член на партијата ќе може да одлучува кој ќе ја води партијата.

Со измени во статутот на партијата по денешниот конгрес, генералниот секретар на партијата доби можност да учествува и во извршната власт. Се прецизира и бројот на потпретседатели од двајца до четворица. Црвената боја пак станува официјална за партијата.