Свет
30. September 2020 - 10:11

СБ на ОН загрижен поради Нагорно Карабах

Советот за безбедност на ОН соопшти дека е загрижен за судирите што избувнаа околу Нагорно Карабах, кои се закануваат да прераснат во општа војна меѓу Ерменија и Азербејџан и остро ја осудија употребата на сила.

По состанокот зад затворени врати, 15 членки на Советот за безбедност на ОН изразија загриженост во врска со извештаите за големи воени акции долж контактната линија во зоната на конфликтот во Нагорно Карабах.

Во соопштението на Советот за безбедност се наведува дека неговите членови го поддржуваат повикот на генералниот секретар на ОН до завојуваните страни итно да ги запрат борбите, да ги деескалираат тензиите и да се вратат на преговори без одлагање.

Ситуацијата во Нагорно Карабах ескалираше кон крајот на минатата недела, а Баку и Ереван меѓусебно се обвинуваат за започнување на непријателства.

Воведена е воена состојба во Ерменија, беше најавена општа мобилизација, а на мажите на возраст од 18 до 55 години им е забрането да ја напуштаат државата. Во Азербејџан е воведен полициски час.