Балкан
24. January 2016 - 8:39

„Самоопределување“ во Тирана: Протестите не се удар врз косовската туку српската Влада

Поранешниот лидерот на косовското движење „Самоопределување“ и актуелен пратеник Албин Курти, од Тирана порача дека опозицијата се залага за стабилност на Косово и регонот и дека протестите не се насочени кон косовската, туку се силен удар кон српската Влада.

- Ние сме за регионална стабилност и стабилност на Косово. Ние сме за развој на земјата и првосудстото. Можеме да имаме мир и стабилност. Протестите на опозицијата во Косово не се удар врз косовската, туку силен удар кон српската влада. Ние не сме против Србите, туку Србија е против нас, изјави Курти, пренесува дописникот на МИА од Тирана.

Според него многу значајно е Србија да се дистанцира од Русија и во тој контекст смета дека колку руското влијание на Балканот е помало толку подобро е за Албанците.

Заедно со Курти во Тирана беше и лидерот на „Самоопределување“, Висар Имери кој рече дека „косовската опозиција ќе продолжи со својата иницијатива за да ги спаси граѓаните на Косово од канџите на владата".

Тој ги повтори обвинувањата до актуелната косовска влада во врска со постигнатите договори со Србија, оценувајќи дека тие сериозно ја загрозуваат независноста на Косово.

- Се ова што се случува го доведува во прашање статусот на Косово, дали ќе биде или не Република. Ние се обидуваме да ги спасиме косовските граѓани од канџите на Владата, изјави Имери.

Двајцата учествуваа на собир со симпатизери на „Смоопределување“ одржан во Националниот историски музеј во Тирана, посветен на актуелната политичка ситуација на Косово и следните активности на косовската опозиција, која и понатаму најавува протести против договорот за Заедницата на српски општини, како и за демаркација на косовско-црногорската граница.