Свет
20. March 2018 - 10:26

САД и Јужна Кореја ги продолжуваат маневрите прекинати поради Олимпијадата

САД и Јужна Кореја на 1 април ќе ја продолжат заедничката воена вежба, која беше прекината поради одржувањето на Зимските олимписки игри во јужнокорејаскиот град Пјонгчанг, соопштија официјални лица на двете земји.  

Вежбата ќе биде продолжена и покрај тоа што американскиот претседател Доналд Трамп планира средба со севернокорејскиот лидер Кин Џонг-ун, кој воените маневри на Сеул и Вашингтон ги смета за подготовка за војна против Северна Кореја.

Јужна Кореја и САД години наназад одржуваат заеднички воени вежби во март, што оваа година, најмногу поради ЗОИ, беа поместени.

Неименуван извор од Јужна Кореја вели дека оваа година воената вежба ќе се одржи со цел да се „подигне подготвеноста против разните закани од Северна Кореја“.  

Минатата година САД и Јужна Кореја одржаа заедничка воена вежба од 1 март до 30 април, во која учествуваа и американскиот носач на авион „Карл Винсон“, кој нема да биде присутен на овогодинешните маневри.