Македонија
24. September 2021 - 16:49

САД активно вклучени во деблокада на интеграциите, Димитров не е оптимист за брзо решение на спорот со Бугарија

САД активно работат на деблокада на процесот на македонските евроинтеграции, порача американската амбасадорка во земја Брнз. Таа ги отфрли шпекулациите дека американската администрација има некој посебен план за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија, повторувајќи го ставот дека се работи за билатерално прашање во кое САД нема директно да се меша.

„Ние ја гледаме македонската иднина во Европската унија и ја потврдуваме важноста на разрешавање на прашањата и се надеваме дека ќе продолжи до крајот на годината, продолжуваме разговор со сите партнери, разговор со Владата овде во Скопје, разговори со соседните земји и низ цела Европа да се погрижиме да направиме се што можеме за да го поддржиме движењето на процесот напред. Немам конкретна најава во овој момент освен да потврдам дека САД ќе се вклучи во ова прашање и во разговорите затоа што сите ја делиме истата визија Северна Македонија да го заземе аслуженото место во Европа и во ЕУ и се надеваме тоа ќе биде бргу“, изјави Кејт Мари Брнз – амбасадор на САД.

За разлика од американската амбасадорка, вицепремиерот Димитров не верува во брз напредок во разговорите во услови кога Бугарија наметнува атмосфера во која уценува со македонскиот јазик  и го крши Договорот за добрососедство

„Политиката може да создаде позитивна клима да се разговара слободно и отворено. Тоа што се случи, односот се измести, бидејќи Бугарија го прекрши членот 2 од Договорот, според кој Софија ќе ни помага на европскиот пат, а не да нè блокира и да ни одмага. Ние доживеавме две вета и доживеавме проблематизирање на нешто што е многу внатрешно, проблематизирање на нашиот јазик на европско ниво и во таа смисла овие чекори го направија искрениот дијалог тежок. Тоа е главниот проблем“, вели Димитров.

Во меѓувреме, опозицијата ги оцени како шокантни најавите на премиерот за бришење на зборот бугарски пред  фашистички окупатор од учебниците и спомениците. Мицкоски му порача на Заев ова да им ги објасни на семејствата на македонски Евреи убиени во Треблинка,  а Бугарија ја повика да се извини за злосторствата направени во Втората светска војна, наместо да наметнува услови.

-Ние не сме талибанци за да бришеме историски факти и веднаш при промената на власта, ќе ги вратиме тие факти како што ги признава светската историја. Тие биле фашисти, ние сме се бореле против тие фашисти и наместо да бараат да бришеме учебници, треба да дојдат и да му се извинат на овој народ, истакна Мицкоски.

Со осуда реагираа и Еврејската заедница и Фондот на Холокаустот, оценувајки намерата за бришење на  бугарски, како искривување на историската вистина.