Македонија
21. November 2019 - 16:54

Русковска повикана на отчет во Советот на јавни обвинители, ветингот во судството станува се поизвесен

Однесувањето на Русковска е под лупа на Советот на јавни обвинители.. Ќе ја повика да даде отчет за СМС пораката со која се заканува до апелационите судии дека од гаќи ќе ги истресе со финансиска истрага.

Од советот на јавни обвинители велат дека за случајот добиле допис од Апелациониот суд, а сослушана ќе биде и Русковска. Таа пак вели дека нема да ги коментира ставовите на апелационите судии..

По кавгата која изби меѓу судот и обвинителството, Премиерот Зоран Заев повика на соработка меѓу правосудните органи.

„Треба да се знаат инстанците кој како е поставен во општеството, но секако да се има и меѓусебна почит за работата на секој од чинителите во правосудните постапки“, изјави Зоран Заев, Претседател на Влада.

Од судскиот совет велат дека нема да ги штитат судиите кои работат несовесно.. Неколкумина такви биле веќе разрешени.. Од советот објаснуваат дека ја следат стручноста на судиите ама не и нивната имотна состојба.. Согласни се за ветинг во правосудството доколку тој се води транспаренто..

„Треба да се внимава ветингот да не претставува начин на опструкција на правдата поради недоволниот број на судии со кои што треба да се пополнат испразнетите судиски места“, изјави Киро Здравев, Претседател на Судски совет.

Министерката за правда уверува дека процесот нема да ги злоупотреби чесните обвинители и судии.

„Веќе има меѓународни примери како се спроведува ветинг и тоа ветинг кој што не го спроведува извршната власт туку на едно експертско ниво го спроведува мешовита комисија во која што, во многу земји учествуваат и меѓународни претставници како гарантори на процесот. Веќе созрева сознанието дека мора да се направат чекори за прочистување на судството од некфалификувани и непрофесионални судии„, вели Рената Дескоска, Министер за правда.

И ДУИ одобрува ветинг во правосудството од каде велат дека поважен е квалитетот отколку бројот на обвинители и судии кои ќе го минат филтерот.