Loading Video...
Свет
11. August 2020 - 16:48

Русија прва регистрира вакцина против коронавирус, СЗО предупредува да се биде внимателен

Русија одобри вакцина против Ковид-19. Меѓу првите волонтери е и ќерката на претседателот Путин која примила две дози од вакцината. За ова информираше лично рускиот претседател кој тврди дека вакцината ги поминала сите тестови и е безбедна.

„Утрово во светот е регистирана првата вакцина против Ковид-19. Една од моите ќерки ја прими вакцината. Во таа смисла учествуваше во експериментот. После првата вакцина, имаше температура 38. Следниот ден 37 и тоа беше се. Добро се чувствува и разви голем број антитела,“ изјави Владимир Путин.

Путин се надева дека земјата наскоро ќе почне со масовно производство на вакцината, а на пациентите кои моментално се лекуваат ќе им биде понудена можност доброволно да ја примат веднаш.

СЗО предупредува да се внимава со руската вакцина бидејќи не ја поминала третата фаза од испитувањето. Ја повикаа Русија да ги следи меѓународните упатства за производство на вакцина за Ковид-19. Од СЗО потенцираат дека има голема разлика меѓу откритието на вакцина и вакцина која ги поминала сите фази.

Руската вакцина не е на списокот на СЗО од шест вакцни кои се во третата фаза на клинички испитувања. Московскиот Институт Гамалеја пак тврди дека вакцината создала имунитет кај сите 38 волонтери кои од јуни до сега ја примиле вакцината.