Македонија
11. May 2021 - 21:17

Родител 1 и родител 2 во електронскиот дневник ги зовре социјалните мрежи

Дали родител 1 и родител 2 ќе ги заменат термините мајка и татко во училишниот дневник во делот за податоците за учениците? И дали ова е вовед за целосно бришење на семејните термини во образовните програми?

На социјалните медиуми се појавија извадоци од електронскиот дневник од делот наменет за наставници, каде што во податоците за родител или старател не стои мајка и татко, туку се појавуваат термините родител 1 и родител 2, што предизвика бурни реакции.

1. Не прифаќам да бидам НИШТО ДРУГО освен МАЈКА на моите деца. А ти @mila_carovska може да се напишеш и родител 10 ако сакаш

2. Немам никаков проблем доколку некој себеси сака да се самоопредели само како "родител" или како "родител х", но не ми го одземајте правото да бидам татко.

3.  Му велам на Родителов 2:

- Гледаш ли каков родител 1 сум, детево наше да посака и тебе Родител 1 да те напрај, пишуваат и дел универзитетски професори.

Наставници тврдат дека ваквата опција е активирана сега. Според нив, во е-дневникот досега стоело името само на еден родител. Пред две недели, на 28 април, Министерството за образование испратило допис во кој наводно се барало да бидат пополнети ставките родител 1 и родител 2.

Министерката Царовска на Твитер возврати дека се работело за лажни вести на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Промени во електронскиот дневник нема од 2010 година.

Денеска од министерството дообјаснуваат дека, делот каде што се споменуваат родител 1 и родител 2 е административен во кој се внесуваат контакт податоци за родителите за да им се испраќаат смс или електронски пораки, а не се однесуваат на личните податоци за детето. Апликацијата според податоците од министерството и досега имала ваква ставка за внесување на повеќе опции – контакти кај местото за родител, кои системот ги вадел како родител 1 и родител 2. 

„Целосно невистинити и измислени се информациите дека е планирано било какво бришење на термините родители/ старатели мајка и татко во новата Концепција за основно образование и во новите наставни програми за прво и четврто одделение“, децидни се од МОН.

Дописот, како што нефицијално тврдат надлежните, бил само потсетник наставниците да ги ажурираат податоците во овој дел. Во делот кој пак, е видлив за родителите, од воведувањето на е-дневникот во информациите за ученикот не стојат информации за мајката и таткот туку само информација за татковото име.

Слични информации за промена на семејната терминологија во документи имаше и во 2019 година. Тогаш надлежните тврдеа дека промени ќе нема.