Македонија
22. јуни 2021 - 16:40

Редици пред управните служби на МВР

Редици за пасоши, лични карти, возачки дозволи, откако МВР соопшти дека сите кои имаат закажано термини во следните три дена по итна постапка, треба денеска да се појават на шалтерите на Министерството за внатрешни работи. Поради наградба на системот, од утре па се до 28-ми јуни нема да може да се врши прием на барања и издавање на лични документи. Граѓаните велат дека за да завршат работа денеска чекале повеќе од еден час. 

Сите оние граѓани пак кои имаат термини во следните три дена, но по редовна постапка ќе можат да се фотографираат од 28 до 02 јули. 

МВР ги повика и сите кои имаат готови документи денеска до крајот на работното време да ги подигнат, затоа што на 24 и 25 нема да им бидат издадени.

Од опозицијата пак обвинуваат дека Владата на СДСМ го краде народот со тоа што го принудува да вади лични документи по итна постапка која е многу поскапа. 

Владата на СДСМ и Зоран Заев му приредија на народот фијаско и дебакл на народот и граѓаните со недостатокот на лични карти, возачки дозволи, регистрации за возилата како и за пасоши. Станува збор за очајна мерка за полнење на буџетот, затоа што буџетот е празен, затоа што граѓаните се опљачкани и се зголемуваат давачките. Неколку примери, цената за редовна процедура за издавање пасош е 1.600 денари. Владата СДСМ и Зоран Заев ги принудуваат граѓаните на итна процедура која што чини три пати повеќе односно 4.800 денари, иста е работата и со возачките дозволи, редовната процедура која што сега не е достапна е 280 денари, итната процедура е 840 денари, три пати повеќе се земаат пари од граѓаните, се вели во дописот на ВМРО-ДПМНЕ.

Сите кои се уште немаат поднесено барање ќе почекаат за да извадат личен документ. Според последните информации, првите слободни термини се во август.