Македонија
24. July 2021 - 16:54

Реализираните инфраструктурни проекти ја подобруваат пристапноста до Хераклеа

Ареолошкиот локалитет Хераклеја со проектот за прекугранична соработка со Албанија чиј носител е Општина Битола доби инфраструктурни зафати кои ја подобрија пристапноста особено за лицата со посебни потреби, а реконструиран беше и т.н. Римски пат до самиот локалитет. На овој начин ќе се подобрат условите за туристите, но и за посетителите кои се дел од културните настани кои често се случуваат токму во античкиот театар.

-Целосно се извршени инфраструктурни пристапни попбрувања во самата Хераклеја што дава многу подобра слика и подобра услуга кон посетителите. Но огромното значење е што со овој проект отвораме перспектива не само на Општина Битола туку и на регионот и на соработката со Албанија и можноста за регионален развој на туризмот, а со тоа давање атракција на сето она што претставува привлекување туристи во овој регион и економски развој на истиот, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Во увид на инфраструктурните зафати беа и премиерот Заев и евроамбасадорот Гир кој истакна дека денес, Хераклеја е пример на културно наследство кое треба да се зачува, а токму зачувувањето на културното наследство и промоцијата на туризмот одат заедно и придонесуваат за економијата.

-Пред се нашата поддршка е знак дека овој локалитет не го сметаме само за културно наследство на оваа земја туку го сметаме за дел од европското културно наследство и за дел од општото човечко културно наследство. Се надеваме дека благодарение на нашата поддршка повеќе луѓе ќе можат да уживаат во локалитетот и дека лекциите кои ни ги покажува во однос на нашата меѓусебна поврзаност, културата и идентитетот ќе ни помогнат понатаму да ја обликуваме заедничката иднина, изјави Дејвид Гир, амасадор на ЕУ.

Тој истакна дека поддршката на ЕУ е дел од поширок проект меѓу Македонија и Албанија со вкупна вредност од околу 12 милиони евра, а во моментот се спроведуваат 14 проекти на двете страни од границата.