Македонија
28. March 2020 - 16:32

Реакции во Битола по одлуката државниот карантин да биде сместен во центарот на градот

Битолчани со бурни реакции на социјалните мрежи откако вчера пристигнаа двата автобуси со македонски државјани кои авионски пристигнаа од Малта. Се работи за 45 лица, претежно од Битола кои беа распоредени во два автобуса и се сместени во хотел на Широк Сокак кој ги отстапи своите капацитети за државен карантин и каде овие лица ќе бидат во задолжителна 14-дневна изолација. Реакциите беа најмногу насочени кон локацијата, зошто се сместуваат во центарот на градот, во хотел чии прозорци излегуваат веднаш на Широк Сокак. Денеска ги запрашавме битолчани што мислат.

Вчера вечерта со соопштение реагираше општината на бројните реакции барајќи да не се напаѓаат овие граѓани. Денеска, градоначланичката за полемиките одолу локацијата истакна дека ниедна локација не е подобра или полоша.

-Вирусот не мирува заради локацијата. Вирусот можи да се победи само со нашето однесување, со контролирана изолација, избегнување на непотребни излегувања и почитување на протоколи и препораки што со еден збор се вика дисциплина. Како Градоначалник не поддржувам обзнанување на список на згрижените во оваа контролирана изолација. Тоа не се луѓе кои треба да бидат стигматизирани само заради тоа што треба да поминат денови во изолација како претпазливост на сите нас за евентуални, повторувам евентуални заразени.  Конечно, да се држиме до премисата, не прави му го никому она што не би го правел за ближниот свој, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Денеска реагираше и Владата уверувајќи ги граѓаните дека сите мерки што се преземени за прифаќање на нашите државјани кои се најдоа во странски земји се по највисоки здравствени стандарди и дека нема места за паника. Велат дека граѓаните сместени во државните карантински објекти не се закана за никого, а објектите ги обезбедуваат полицијата и војската. Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден од војската и полицијата. Инаку државен карантин за 90 лица од денес ќе биде и  хотелот Молика во сопственост на АД ЕСМ. Велат дека транспортот и сместувањето ќе бидат извршени согласно протоколите на министерствата за надворешни работи, за внатрешни работи и за здравство, додека од страна на хотелот ќе бидат обезбедени сите услови за престој за периодот додека трае пропишаната изолација.