Македонија
19. September 2021 - 19:50

Расте бројот на смртни случаи меѓу младите - за една недела 7% од починатите се под 45 години

Црна саботна ковид статистика во Македонија. Земјава вчера ја регистрираше највисоката смртност од 2 мај наваму. 41 лице ја загубија битката со коронавирусот, а меѓу нив и три млади лица на 18, 23 и 31 година.

Иако бројот на активни случаи во земјава бележи блад пад, стапката на смртност во земјава е загрижувачка.

Во оваа категорија, Македонија е прва во Европа во изминатите седум дена споредено на милион жители, додека на светско ниво сме четврти по вкупната стапка на смртност по Перу, Босна и Херцеговина и Унгарија.

Повеќе пати досега здравствените власти причините ги бараат во големиот број на граѓани со хронични болести, доцното или воопшто не одењето на лекар, а со почетокот на имунизацијата и со одбивањето на граѓаните да примат вакцина.

Но постојат ли подлабоки причини за страотните податоци поврзани со ковид смртноста во земјава?

Се бележат и зголемен број на починати во домашни услови, но битката со ковидот се повеќе ја губат и помлади лица. Во изминатата недела, од вкупниот број смртни случаи, речиси 10 отсто починале во својот кревет. Седум проценти, пак, од починатите во последната недела биле на возраст од 45 години или помлади.

Трите млади лица од вчерашниот црн ковид билтен биле невакцинирани. 18 годишната девојка е примена во болница во тешка состојба и со голема тахикардија, а немала хронични заболувања. 23 годишниот пациент имал церебрална парализа и други хронични заболувања, додека 31 годишниот имал хронично невролошко заболување.