Македонија
19. October 2020 - 16:52

Расте бројот на позитивни во градинките, 309 деца се во изолација

309 деца од градинките и 50-тина вработени во моментов се во изолација. Од отворањето на градинките досега заразени се 18 деца и 55 вработени. Министерката за труд и социјала вели дека само од 9 до 16 октомври во статистиката на заразени влегле 6 деца и 21 работник.

- Значи, трендот на позитивни е како и целата епидемиолошка слика во државата. Меѓутоа, здравствената состојба на сите досега што биле позитивни, како дечиња, така и вработени е добра. Немаме хоспитализација, освен тие две од претходно, но тие се завршени. На голем дел хоспитализацијата им заврши. Генерално здравствената состојба на децата во градинките и вработените е добра, рече Шахпаска.

За евентуално затворање на градинките, Шахпаска вели дека одлуки во иднина ќе се носат заедно со здравствените власти и со локалните самоуправи.

– Будно се следи состојбата. Ќе носиме одлуки заедно со локалните самоуправи затоа што не секаде епидемиолошката состојба е иста. Најважен капитал е здравјето на граѓаните и на најмладите, рече Шахпаска, одговарајќи дали се размислува за затворање на градинките.

И покрај високиот број на заразени и изолирани деца засега нема нова потврда за локална трансмисија во градинките. Единствен останува случајот во струмичката градинка.