Македонија
18. September 2020 - 16:53

Расипани мерни станици пред стартот на грејната сезона

Пред самиот старт на грејната сезона неколку мерни станици во главниот град се расипани и не ја покажуваат количината на штетните честички во воздухот.

Станува збор за  мерната станица Јане Сандански во Аеродром, таа во Карпош 2, мобилната во Ѓорче и едната од двете во Автокоманда.

Министерот за животна средина не знае кога точно ќе бидат поправени.

-За жал знаеме дека некои од нив не функционираат. Порачавме делови за нив за кои верувам дека се пристигнати. Верувам дека за многу кратко време ќе бидат активни и ќе функционираат, вели Нуредини.

Според Нуредини, императив во следниот период ќе биде управувањето со отпадот и со депониите. Тој на денешната прва прес-конференција откако повторно ја презеде функцијата зборуваше многу за тоа што ќе работи во следниот период, но немаше конкретни одговори на новинарските прашања што точно ќе биде преземено и за намалување на аерозагадувањето и за управувањето со отпадите.

Екоактивистите дека изјавите на функционерите често се празна реторика, а институциите само декларативно се заложуваат за животната средина. Драгана Велковка вели дека се уште има општини каде што нема мерни станици, ниту пак се планира да бидат поставени. Голем проблем според неа е тоа што институциите не си ја работат својата работа.

-Најчесто се случува дека луѓето кои треба да постапат не го знаат законот врз основа на кој работат. Надлежноста ја имаат, но што понатаму за институција како Министерството за животна средина која според моето искуство досега не се има досега вистински заложено за животната средина, вели Велковска.

Според неа, Министерството по службена должност треба да доставува претставки до инспекторатите, а не тоа да го прават еко-активистите.

Велковска вели и дека новиот пакет на Закони за управување со отпадот има големи фалинки и ќе остане само уште едно парче хартија кое во реалноста нема да има никаква примена.