Бизнис
25. May 2016 - 12:52

Раководството „ТУИ“ и студенти по туризам од Холандија во посета на Охрид

Претставниците на стопанските, организациските и научните субјекти од областа на туризмот синоќа во Охрид имаа средба со претставници на највисокото раководство на големиот холандски тур-оператор „ТУИ“ кои прв пат се во Македонија.

На средбата било разговарано за повеќе значајни теми за областа на туризмот, меѓу кои прашањето со мигрантската криза, можностите за проширување на понудата на „ТУИ“ со други дестинации во Македонија особено со турите за активен туризам, промоција на туристичката Охрид и Македонија со материјал изработен од холандски студенти и друго.

- Меѓу темите на разговор се наметна и прашањето за мигрантската криза. Со менаџментот на „ТУИ“ договаравме како на пошироката јавност во Холандија да и се презентира информацијата за затварањето на бегалските кампови што е добра вест за туризмот, рече Лила Крстевска, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Аријан Керс, генералниот менаџер на тур-операторот „ТУИ-Холандија“ што нуди туристички аранжмани во 60 држави во светот, ја посочи Македонија како туристичка дестинација што поседува огромен потенцијал, дестинација која поради својата посебност и убавина претставува, како што рече, „сокриен скапоцен камен што допрва треба да биде претставен на поширокиот европски туристички пазар“.

- Моментално на холандскиот туристички пазар работиме на промоција токму на Македонија како егзотична дестинација и сите наши позитивни искуства ќе ги претставиме како на нашите клиенти односно туристи, така и пред холандските туристички агенции, рече Керс.

Во врска со актуелната политичка ситуација во земјата, како и проблемот со бегалската криза претставниците на „ТУИ“ посочуваат дека тоа се фактори што секако неповолно влијаат врз туризмот, но истовремено со уверување дека нема значајно да влијаат врз интересот на холандските туристи за летување во Македонија и продажбата на аранжмани.

- Од разговорите со холандските туристи кои се веќе тука се уверивме дека тие воопшто не се засегнати од протестите и оти политичките збиднувања не влијаат врз нивниот престој тука. Имаше одредени појави на колебање кај туристите при изборот на Македонија како дестинација за летување, но преку интензивната кампања спроведена од наша страна во Холандија успеваме да го задржиме нивниот интерес за да се решат токму тука да го поминат летниот одмор, истакна Керс.

Инаку, Македонија како дестинација што се наоѓа на понудата на „ТУИ“ оваа година е избрана за земја каде се одржува годишно собрание на најдобрите шеесет студенти од холандските универзитети и научни установи кои студираат туристичка промоција и маркетинг.

- Студентите тука снимаат промотивен материјал за развој на Охрид како дестинација. Тие соработуваат и со нашите студенти по туризам така што се надеваме дека оваа размена на искуства ќе придонесе за подобра презентација на Охрид кај идните тур-оператори, но ќе им помогне и на нашите студенти да ги осознаат убавините на туризмот како професија, истакна Крстевска, директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Одбран промотивен материјал што ќе го изработат холандските студенти ќе биде ставен на интернет-страницата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, а тројцата најдобри студенти ќе бидат поканети повторно да дојдат во Македонија и преку размена на искуства да придонесат за развојот на македонската туристичка понуда.