Свет
20. March 2018 - 8:41

Пуџдемон: Ќе го прифатам секој предлог за дијалог со Мадрид

Поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон изјави дека ќе одговори позитивно на секој предлог за дијалог и создавање простор за преговори со шпанската Влада истакнуваќи дека судирот околу Каталонија „може да се реши само на таков начин“.

- Тој судир не може да се реши со казни од 25 до 30 години затвор, ниту со егзил или понижувања, рече Пуџдемон во интервју за швајцарскиот весник „Трмп“ во Женева, каде беше гостин на Филмскиот фестивал за човекови права. 

Тој во интервјуто изрази и уверување дека неговото враќање во Шпанија ќе биде „добра вест за демократијата“ и „симптом за нормализација на политичкиот живот“. 

- Политичките актери мораат меѓусебно да разговараат. Ние тоа отсекогаш го сакавме. Чудно е што Шпанија преговара со терористичката група ЕТА, која уби стотина лица и рани илјадници, а не е способна за дијалог со нас, кои не сме убиле никого и избрани сме од народот на избори. Тоа е неприфатливо, истакна Пуџдемон.

Тој рече дека на крајот на декември лично барал од шпанската Влада да ја испочитува одлуката на каталонскиот народ и да му дозволи на Парламентот на Каталонија да избере нов претседател на регионалната Влада, но Мадрид, како што рече, досега сторил се, тоа да го спречи. 

Пуџдемон вели дека себе си се уште се смета за претседател на регионалната Влада на Каталонија и нагласува дека „никој не може да го занемари тој факт".

- Ако некој има проблем со законитоста на каталонските институции, за тоа се виновни оние кои ги суспендираа на нелегален начин, рече тој, потсетувајќи дека шпанскиот закон утврдил дека каталонскиот Парламент го избира претседателот на владата и дека само тој може да го смени во одредени околности. - Шпанската влада отиде толку далеку што го прекрши законот со  одлука за чија легалност еден ден треба да се изјасни меѓународното судство, заклучи Пуџдемон.

Властите во Берн најавија дека нема да го спречат Пуџдемон да гостува на фестивалот и покрај шпанскиот налог за апсење на поранешниот лидер на Каталонија.

Пуџдемон ја напушти Шпанија по прогласувањето независност на регионот по референдумот за независност на Каталонија, што се одржа на 1 октомври минатата година.