Македонија
21. October 2020 - 21:46

Првичните анализи готови – Имало ли коронавирус во Македонија и пред 26 февруари?

Институтот за јавно здравје не откри Ковид-19 во досега анализираните примероци кои биле негативни на грип.

- Вкупно од одбраните 100 примероци од сезоната 2019/2020 кои биле негативни на инфлуенца кои се тестирани и за коронавирусот, имаат негативни резултати на коронавирусот, велат од министерството за здравство.

Според официјалната статистика на ИЈЗ за грипот, годинава тестирани се вкупно 776 материјали, а позитивни биле 377. Ако се земат во предвид досега анализираните 100 примероци за Ковид, остануваат уште 300. Засега нема конкретен одговор од здравствените власти дали ќе продолжи истражувањето за да се утврди дали во Македонија имало коронавирус и пред првиот случај на 26 февруари со оглед на високата бројка дури 33.000 болни од грип, 17.000 повеќе од претходната година.

Професорот по микробиологија Никола Пановски се сомнева дека и пред првиот официјален случај увезен од Италија имало коронавирус во Македонија, но не во толку голем број.

-Секако дека и пред 26 февруари имало случај, но корона дека имало масовно во Македонија и на Балканот пред 26 февруари не, многу луѓе се излажаа дека прележале во јануари и сега завршија во болница, изјави за Сител проф.д-р Никола Пановски, професор по микробиологија.

Повеќе држави веќе докажаа дека коронавирусот бил присутен во Европа уште на крајот на минатата година. Италијански и шпански научници откриле траги на корона во отпадните води кои датирале од декември 2019. Многу порано од официјално првите заразени. Истиот период и во Франција кај пациент кој имал пневмонија, лекарите оваа пролет докажаа дека компликациите настанале поради инфекција со Ковид-19.