Македонија
5. April 2020 - 16:40

Први случаи на корона во Крушево, расте бројот на заразени во Прилеп

Рапидно расте бројот на ново заразени лица со корона вирус во Прилеп. Денеска има 9 нови случаи, со што вкупната бројка се искачи на 33 лица. Во Инфективното одделение во Прилеп се наоѓаат 3 лица со средно тешка состојба, а едно лице е во изолација и се чека развојот на неговата клиничка слика. Земени се 20 нови брисови од граѓани, чиј исход се очекува во наредните денови.

Засега се уште не се знае дали помеѓу овие 9 мина има и медицински работници. Засега 1 лекар од Инфективното одделение во прилепската општа болница е позитивен на корона вирус, а додека друг лекар од истото одделение се наоѓа во самоизолација. Со ова се доведува во прашање и нормалното функционирање на самото одделение. Поради тоа најверојатно од утре таму ќе бидат преместени лекари од другите одделенија во Прилеп.

Инаку досега од коронавирусот се инфицирани три лица од здравствените институции во Прилеп.

Денеска се одржа и состанок на Општинскиот кризен штаб беа разгледувании повеќе точки меѓу кои и тие дека голем дел од граѓаните не ги почитуваат мерките и не престануваат со дружења и собирања во домашни услови или на викендици. Исто така се разгледуваа и поплаките на голем број граѓани дека матичните лекари и стоматолози овие денови воопшто не се достапни за нив, па дури ниту по телефон.

„Седете дома, да нема социјални дружења, затоа што тоа е единствениот начин во овој момент да имаме помалку заразени со коронавирусот. Истовремено упатувам апел и до матичните лекари и стоматолози да бидат достапни за своите пациенти, тоа е нивна обврска, бидејќи на тој начин сомнителните случаи ќе бидат порано детектирани“, истакна Илија Јовакоски, градоначалник на Прилеп.

Доколку продолжи да расте бројот на заразени не е исклучено и превземање на други построги мерки на заштита.

Инаку денеска за прв пат се регистрирани и првите 2 случаи на Ковид 19 и во  Крушево.