Свет
17. May 2022 - 16:36

Проширување на НАТО: Шведска и Финска бараат членство, Москва избрка дипломати

Шведска ја прекинува двевековната воена неутралност. Еден ден по најавата шефицата на шведската дипломатија Ан Линде стави на барањето за влез во НАТО и рече дека ќе го испрати до генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг.

Во меѓувреме, и финскиот парламент даде одобрение за официјално барање за членство во НАТО. Од 200 пратеници, 188 гласаа „За“ Финска да побара да биде дел од Алијансата. Само 8 парламентарци беа против.  

Откако Турција најави блокада, сега Финска е оптимист дека ќе може да се договорат со Анкара за приклучување на двете нордиски земји во НАТО. Финскиот претседател Нинисто вели дека со конструктивен дијалог ситуацијата може да се реши.

Столтенберг, пак, повика да се земе предвид резервираноста на Турција за примањето на Шведска и Финска во Алијансата.

- Турција е ценета сојузничка и потребно е да се одговори на сите безбедносни проблеми. Мораме да стоиме заедно во овој историски момент, напиша Столтенберг на Твитер, по средбата со шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.

Се огласи и Москва. Рускиот министер за надворешни работи вели дека приклучувањето на двете нордиски држави во НАТО веројатно нема да направи голема разлика бидејќи иако не се формално дел од Алијансата тие со години учествуваат во воените вежби на НАТО.

Лавров вели, одговорот на Русија ќе зависи од тоа какви сили ќе бидат распоредени во Шведска и Финска. Москва денеска протера и двајца фински дипломати како одговор на испораката на оружје за Украина.

И Македонија `и даде поддршка на Шведска. Шефот на државата, Стево Пендаровски се сретна со амбасадорката на оваа држава.

- Пендаровски ја поздрави оваа одлука на Шведска карактеризирајќи ја како одлука на суверена држава која има право на тоа, и додаде дека нашите државни позиции се во поддршка на политиката на отворени врати на НАТО, соопшти кабинетот на претседателот.

По инвазијата на Украина, НАТО почна да го затега обрачот околу Русија. Земји-членки воено ја помагаат Украина во одбраната на државата иако официјално не можат да учествуваат во конфликтот со оглед на тоа што Киев е надвор од надлежноста на најголемиот воен сојуз.