Македонија
26. January 2023 - 19:43

Пропаѓа ли прилепската чаршија?

Во моментов од 35 до 40 дуќани се издаваат во строгиот центар на Прилеп во Старата чаршија, нешто што се нема случено со децении. 

Трендот на затворање на дуќаните започна со Ковид кризата, но продолжи и после неа. Ако порано се чекало со години да се дојде до дуќан, сега толку се чека тој да се издаде. Срцето на Прилеп тивко умира. Зошто се губи атрактивност на чаршијата и дали ова е производ само на економската криза? За едни главен проблем било масовното иселување и умирањето на занаетите.

„Најмногу се иселуваат младите, главен фактор е неводењето грижа за младите луѓе. Па еве да се земиме и ние и занаетите се малку заташкани, нема“, рече Петар Конески, занаетчија.

„Причината најголема сега е што нема занаетчиство, ич нема занаетчиство, на прсти се бројат од мојата бранша. Нема младеш, нема заинтересирани за занает, занаетот пропадна, го турнаа“, кажа Љубе Дамески, занаетчија.

„Никогаш немало толку празни дуќани, или да се чека со години. Обично сабајле ако се откажал, попладне ќе се издадел дуќанот, а сега има премногу дуќани што не се издадени“, додаде Ѕвонко Конески, занаетчија.

За дел од дуќанџиите проблем било тоа што со реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“ се забрани паркирањето во центарот на градот, а ветените катни гаражи не се изградија. Велат чаршија без паркинг не може да функционира.

„Штом нема пристап станува неатрактивна локација. Се намали и онака  малото движење, се намалии скроз“, истакна Кирил Трпчески, претседател на занаетчиска комора на Прилеп.

Чаршијата ја изгубила атрактивноста и поради промената на автентичниот изглед.

„Се дозволи пред се да се менува ликот во старата чаршија, се уфрли пластика, алуминиум, потоа улиците кои беа прометни и со кои работеа дуќаните се направија пешачки зони, а во ноќните часови црна темница, тотален мрак во чаршијата што придонесува за едно дополнително сивило“, вели Крешимир Здравески, занаетчија. 

Дуќанџиите бараат итно решавање на проблемите. Потенцираат ако умре јадрото на еден град, тогаш прашање на време било и неговото комплетно замирање.