Македонија
20. January 2020 - 16:40

Пропадна планот за лидерска средба, партиски претставници ќе ги договараат измените на законот за ЈО

Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, утре ќе имаат средба за обнова на разговорите меѓу власта и опозицијата за новиот закон за обвинителство, потврдија двете партии. Според досегашните информации разговорите ќе ги водат Бојан Маричиќ, советник на првиот човек на СДСМ Зоран Заев и Тимчо Муцунски, советник на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Со ова пропадна обидот на Заев за нова лидерска средба за побрзо носење на законското решение.

Лидерот на СДСМ, вели дека лидерската средба станува малкуверојатна поради ставовите на Мицкоски дека нема потреба од ваков состанок без напредок во работните групи по законот.

Меѓупартиските разговори почнуваат со меѓусебни обвинувања за тоа кој не сака европски закон за јавно обвинителство за да го заштити криминалот во своите редови.

Во меѓувреме, Заев потврди дека почнал преговори и со 8-те независни пратеници излезени од ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување на 2/3 мнозинство за законот без опозицијата.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пак,  коментира дека засега не постои опасност за одлевање на гласови од пратеничката група.

Разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се во застој веќе со месеци, а последната верзија на законот за обвинителство е трета по ред откако пред повеќе од една година почна да се заговараат законски промени во обвинителската сфера со кои ќе се реши и статусот на досегашното специјално обвинителство.

Иако не е услов за почеток на преговорите со Европската Унија, Брисел постојано испраѓа пораки дека добро е законот да биде донесен пред следниот состанок на Европскиот совет.