Македонија
25. October 2021 - 16:34

Професор Џикиќ со лоша прогноза: Со нискиот процент вакцинирани, Македонија ја чека тешка ковид зима

Македонија ја чека тешка и неизвесна зима со полни болници и голема смртност ако вакцинацијата остане на сегашниот процент, предупредува познатиот хрватски молекуларен биолог Иван Џикиќ. Вели дека со околу 10 проценти новозаразени од тестирани дневно земјата е во акутна криза, четвртиот бран може допрва да ескалира а не е исклучена можноста и од петти бран на почетокот од 2022.

- Проблемот во Македонија е на долг рок. Се додека не го поминете прагот од 60-70 проценти вакцинирани што е многу тешко ако сега сте на 37 проценти. Се додека не го постигнете потребниот процент Македонија ќе биде земја во која ризикот за бројот на починати ќе биде многу висок. Ако сте под 50 проценти тоа е алармантно и треба да се испрати порака до владата дека не смее да се дозволи да остане оваа состојба бидејќи во зима ќе имате не 7000, туку веројатно уште неколку илјади, вели проф. д-р Иван Џикиќ хрватски молекуларен биолог.

За слабиот процент на вакцинација во голем број земји меѓу кои и Македонија, Џикиќ проблемот го гледа во институциите кои раководат со државата. Хрватскиот научник вели дека како опција постои и задолжителната имунизација ако Владите со нормални кампањи не успеат да ги мотивираат граѓаните.

- Слабиот процент на невакцинирани е недовербата на граѓаните во нивните власи. Тоа е главната причина. Другата причина е што владите не с еоднесуваа коректно, кампањите за вакцинација не беа добро подготвени и не постои јавна одговорност. Кога се тоа ќе го ставите заедно тогаш имате граѓани кои велат јас не сакам, се плашам...вели Џикиќ.

Според статистиката на здравствените власти, во земјата бројот на вакцинирани е 38 проценти од вкупната популација а трета доза досега примиле над 10 000 граѓани.