Македонија
27. November 2022 - 21:15

Приватните превозници со блокада на крстосницата кај Мавровка од 7 часот - кој е ставот на Градот за решение?

Обединети приватниците ќе го блокираат градот со поставување над 30 автобуси на раскрсницата кај Мавровка. Од 7 наутро до вечер автобусите ќе бидат паркирани на оваа крстосница. Ги исклучуваат од сообраќај автобусите и на приградските линии. Планирана е средба со управниот одбор на ЈСП на која очекуваат да дојде и директорот на ова претпријатие. Приватниците најавија дека ќе присуствуваат и на утрешната седница на советот на Град Скопје за да ги слушнат одговорите зошто Град Скопје не им го исплаќа долгот и каде завршиле нивните пари.

На утрешната седница на совет не се очекуваат решенија бидејќи советниците немаат таква надлежност. Она што за утре го највуваат градските власти е соочување на аргументите на оваа седница.

Од Град Скопје не отстапуваат, велат проблемот ќе го решаваат на начин што ќе се објави оглас секој кој што сака да врши јавен превоз ќе може да се пријави. Најавија вклучување на дополнителен број автобуси од ЈСП со што ќе го ублажат бојкотот од приватниците.

Од Слобода превоз најавија правна битка со Град Скопје и ќе бараат одговорност за клеветите кои ги упатила кон нив градоначалничката.

Претседателот на Советот на Град Скопје најави дека утрешната седница главно ќе помине во дискусија за јавниот градски превоз кој предизвика хаос во Скопје. Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ во тема на денот повика Град Скопје да изнајде решение.

Град Скопје им должи над милион и пол евра на приватните превозници, кои цела недела во знак на револт се исклучија од градските линии. Арсовска по ова ги обвини за криминал, рече дека наплаќале билети без да ги пријават и не прифати средба со нив.