Македонија
1. December 2020 - 16:35

Приватната болница се уште не добива административни дозволи за да прима ковид пациенти

И по десет дена откако во државата е прогласена кризна состојба, се уште приватните болници не можат да ја дадат побараната помош од јавното здравство во борбата со вирусот. Договорениот ковид центар во Мала Богородица иако е опремен и подготвен за згрижување на пациенти не може да ги отвори вратите поради незавршени процедури. Аџибадем Систина, Жан Митрев и Ремедика чекаат одобренија, дозволи и потпишување на договори за нивните 5 доктори, 30 медицински сестри и останат персонал почне со работа во новиот капацитет со 100 кревети.

Иако здравствените власти инсистираа на ваква соработка, денеска Министерството за здравство со оправдување дека за прв пат се соочуваат со кризна состојба и ги разгледуваат правните аспекти за вакви договори со приватни здравствени установи.

Во однос на одобренијата за поставување на резервоари за кислород, надлежностите се во Министерството за транспорт и врски, МВР и Општината за што веќе денеска има реализиран состанок. Во однос на договорите со приватните болници ингеренциите се во делот на Центарот за управување со кризи, појаснуваат од МЗ.

Министерот за транспорт и врски, пак, незнае кога ковид центарот ќе ги добие потребните дозволи за работа.

 Можам да ја информирам јавноста дека ние денеска ќе имаме состанок на нашите работни тимови од Министерството за транспорт и врски и заедно со Министерството за здравство и со одреднеи општини каде што треба да се дискутира на оваа тема. Очекувам наскоро да имаме нови информации кои што се значајни за ова прашање, изјави Благоја Бочварски, министер за транспорт и врски.

И додека надлежните се услогласат што во чија надлежност е за да ги забрзаат административните процедури, ковид центарот е подготвен за што сведочат и сликите од опремените болнички соби во Мала Богородица.

Последна алка во овој процес е Фондот за здравствено осигурување кој треба да склучи договори за лекување за да биде достапен капацитетот од 100 болнички кревети. Од Министерството за здравство тврдат дека во моментот има слободни места на интерните клиники и има тренд на стабилизација на бројот на хоспитализирани пациенти. Но објектот на приватните болници очекуваат да им биде на располагање и за следниот период поради најавите дека може да има и нов бран на болни.

Иако ковид центарот е целосно опремен со апарати и кадар од приватните болници, со него ќе управува здравство а двајца лекари координатори од скопските клиники ќе кажуваат кој ќе се лечи во Мала Богородица.