Македонија
19. August 2022 - 12:25

Прилеп дел од Европското првенство во воздухопловно моделарство

Над 200 припадници на Европската елита во воздухопловно спортско моделарство се присутни деновиве во Прилеп како дел од Европско првенство во овој спорт. Натпреварите се одржуваат кај селото Веселчани, а има присутно натпреварувачи од 26 држави. Ова досега е едно од поголемите вакви првенства кои се организирале во Прилеп.

„Целта на секој  лет е моделот да остане што е можно повеќе во воздухот, 3 или 4 минути. Има различни модели, вчера се натпреваруваа едрилици, денеска модели со гумен мотор, а утре ќе се натпреваруваат модели со клипен мотор“, вели Иан Каин, претседател на жирито од Англија.

„Овој шампионат е прв кој што го имаме во оваа класа откако 2 години ни беа стопирании сите активности поради ковид пандемијата. Учеството е одлично, сите големи имиња од овој спорт се тука во Прилеп и имаме натпревари во три класи“, кажа Антониос Пападопулос, член на жирото од Грција.

Овој спорт бара доста психофизичка подготвеност како и големи познавања на електрониката и аеродинамиката.

„Овој спорт бара не само физичка спремност, бара психичка спремност, кондициони припреми до крајни можни граници. Познавање на многу елементи од техника на летање на воздухоплови. Познавање на електрониката и нејзино вметнување на голема врата на електрониката во овој тип на воздухопловни модели“, рече Здравко Тодороски, организатор на Европскиот куп.

И оваа година прв како и пред пандемијата е Пер Финдел од Шведска. Кој вели дека овој спорт сепак не е многу популарен кај младите бидејќи треба да се вложи многу повеќе труд и знаење за разлика пример од фудбалот.

„Го сакам овој спорт бидејќи е надворешен спорт, има многу техники кои треба да се совладаат, има многу механика и електроника. Но секоја година не има се помалку, младите денес не ги интересира ова бидејќи одзема време, еден фудбалски натпревар трае 90 минути, а тука 2 дена“, вели Пер Финдел, учесник од Шведска.

Прва во женска конкуренција беше Тереза Восипкова од Чешка.

„Многу ми е мило што оваа година дојдов во Македонија бидејќи ова е прва година како жените се натпреваруваат во овој спорт заедно со мажите и многу ми е мило што сум прва тука“, додаде Тереза Восипкова, учесник од Чешка.

Организатор на целиот овој настан е воздупловниот клуб од Прилеп „Фил Феникс“. Претходно изминатиов викенд во Прилеп се одржаа и Светскиот куп „Прилеп куп-трофеј на Прилеп“. Само на овие два натпревари во Прилеп имаше присутно околу 2.000 посетители, дел директни учесници на натпреварите, а дел придружба во нивните тимови.