Македонија
18. January 2021 - 16:33

Претседателот на Управниот суд ги демантира обвинувањата: Резултатите се доказ за ефикасноста на судот

Неточни се информациите дека десетици царински предмети исчезнале од Управниот суд, а над 5.000 предмети се држеле во фиока, вели претседателот на Судот. Реакцијата на Сејдини следи откако во јавноста се појавија информации дека дел од предметите наводно се украдени и дека постојат сомнежи за корупција.

„Апсолутно тврдам дека тие се неточни информации. Во интерес на јавноста, на граѓаните кои имаат предмети во работа во Управниот суд, многу одговорно тврдам дека се во Управниот суд се недоставени 1.524 жалби до Вишиот Управен суд, од кои 75% од нив се жалби кои што се поднесени за предмети кои што се решени во 2020 година. Не се точни ниту информациите дека се изгубени предмети во Управниот суд, туку се работи за барања од Царинската управа, адресирани преку Судски Совет до Управниот суд, за барање за клаузула за правосилност за 425 предмети, од кои 411 веќе се доставени до Царинската Управа, а другите 14 се во фаза на постапување”, вели Бурим Сејдини, претседател на Управниот суд.

Сејдини реагира и на обвинувањата дека во Управниот суд владее хаос, а судиите не се повикани на одговорност за изгубените и предметите кои се чуваат до застарување.

„Жалам што во непријатен контекст се спомнати судии на Управниот суд и поранешни претседатели, меѓутоа апсолутно тврдам дека состојбите не зависат од персоналните решенија, туку зависат од повеќе околности, кои што опфаќаат човечки ресурси, просторни капацитети и сè останато што е потребно една институција да е ефикасна и ефективна, што важи и за Управниот суд. Така да, уште еднаш напоменувам дека многу жалам што во погрешен контекст се опфатени и поранешни претседатели, а и претседателката на Вишиот Управен суд, госпоѓата Исмета Амет”, вели Бурим Сејдини, претседател на Управниот суд.

Заклучно со крајот на минатата година, Управниот суд има вкупно 4.389 предмети во работа и е суд со најмал број поднесени жалби до повисокиот, Виш Управен суд.