Македонија
20. March 2018 - 16:30

Претепани тинејџери во Куманово

Две момчиња од Куманово завршиле во болница, откако завчера околу 01,30 часот биле претепани од непознати лица.

Инцидентот како што информира Министерството за внатрешни работи се случил во самиот центар на градот, односно на крстосницата од улиците „Народна револуција“ и „Илинденска“ , поточно пред позната пицерија. Имено откако дваесет и едногодишните момчиња И.Ф.  и Н.М, двајцата од Куманово, застанале со патничко возило, по кратко време им се доближиле две непознати лица и ги нападнале.

Претепаните момчиња побарале лекарска помош во општата болница во Куманово, по што кај Н.М биле констатирани телесни повреди, а И.Ф поради сериозноста на повредените е пренесен во комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје.

Родителот на повреденото момче во телефонски разговор потврди дека во текот на денот е извршена операција на главата на неговиот син, во која учествувал тим од дури четири одделенија од болницата.

По различните коментари на социјалните мрежи дека се работи за меѓуетничка пресметка,  за инцидентот се огласи и првиот човек на Куманово, Максим Димитриевски кој апелираше до надлежните органи во најкус можен рок да го расчистат случајот, нагласувајќи дека треба да има нулта толеранција за насилството.

Од МВР информираа дека преземаат мерки за расчистување на случајот.