Македонија
29. September 2020 - 16:43

Пресуда за „Насилство во Центар“: Година и шест месеци затвор за Груевски, условна за Јанакиески

Една и пол година затвор за Никола Груевски, условни казни за Миле Јанакиески и уште петмина е казната за обвинетите во случајот „Насилство во Центар“. Според судот, Груевски ги нарачал протестите, а ги спровеле останатите обвинети.

Одбраната е незадоволна од пресудата и најави жалба.. Адвокатот на Јанакиески смета дека тој не е виновен и не го сторил кривичното дело за кое денеска е осуден..

„Со оглед дека Миле Јанакиески е огласен за виновен, а одбраната во своите завршни зборови бараше негово ослободување, секако дека не сме задоволни и ќе ги преземеме сите законски средства во понатамошниот тек кога пресудата ќе ја добиеме во писмена форма“, изјави Еленко Миланов, Адвокат на Миле Јанакиески.

Обвинителството е незадоволно од висината на изречените казни па најави жалба на пресудата. Одлуката за повлекување на обвинението против Даниела Рангелова велат е резулатат на изведените докази бидејќи обвинението било поднесено во скратена постапка и обвинителството во таков слуачај не ги испитува двете страни.

„Доказите кои беа изведени во текот на главната расправа упатија на поинаква слика во однос на дејствијата на Рангелова, од тие причини ние како обвинителство се откажавме од  обвинение против неа“, изјави Фатиме Фетаи, Јавен обвинител.

Груевски и останатите обвинети имаат обврска и да ја надоместат штетата од протестите која Општина Центар ја проценила на 27 илјади денари.