Бизнис
22. January 2021 - 20:18

Премиерот има најголема, министерот за информатичко општество најмала плата

Премиерот Заев месечно заработува повеќе од три просечни плати. Неговата месечна нето заработувачка изнесува 87.813 денари. Тој има најголема плата меѓу сите владини функционери, но и најголема плата од сите досегашни премиери. Сумата на премиерската плата ја дига неговиот стаж од 22 години за кој зема близу 9.000 денари кои се пресметани во нето платата.

Следен најдобро платен член на Владата е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој зема 85.113 денари, од нив 14.879 денари се додаток кој го добива секој МВР како и стажот од 18 години.

Во групата министери со плата над 70.000 денари влегуваат министерката за труд Шахпаска со над 74.000 денари кои се должат на работниот век од 28 години. Близу 73.000 денари имаат министерките Шеќеринска и Стефоска. Следни на листата се четворицата потпретседатели на Владата. Од нив најмалку е платен Љупчо Николовски затоа што има најмал стаж.

Најслабо платени министри во Владата на Заев се Насер Нуредини и Јетон Шаќири. Тие имаат нешто над 65.000 денари нето плата што се должи на немањето работно искуство. Имено, Нуредини имат стаж од само 1 година, а Шаќири нема воопшто никакво работно искуство.

Платата на владините членови е регулирана со закон. Таа расте како што расте и просечната плата на државно ниво која според последниот податок изнесува 27.588 денари.