Македонија
19. November 2019 - 19:25

Премиера на „Секс, лаги и љубомора“ во Струмичкиот театар

Во Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица утре премиерно ќе биде изведена класичната фарса „Секс, лаги и љубомора“ од Марк Камолети во режија на Синиша Евтимов, кој ја потпишува и сценографијата за претставата, беше соопштено на денешната прес-конференција пред последната премиера на Струмичкиот театар, во годината кога одбележува 70 години постоење.

Според режисерот Евтимов, станува збор за текст напишан во шеесетите години од минатиот век и до денес повеќе од успешно живее на сцените ширум светот.

-Ова е мое трето доаѓање тука во последните шест години и тоа што е променето кај мене, од последниот пат кога работев овде, е што успеав да се профилирам во работењето на одреден жанр, што сметам дека во моментот најмногу ме возбудува и токму поради тоа се занимавам сериозно со него, и тоа е дел од еден омнибус мои претстави кои можат да се видат ширум сцените во Македонија. Многу сум задоволен од целокупниот процес и од екипата, составена од претежно млади актери и ретко кога јас сум најстар во екипата и навистина уживавме додека ја работевме претставата, рече режисерот Синиша Евтимов.

Актерката Јасмина Вучкова истакна дека во процесот на подготовката на претставата имале голема слобода во работата со режисерот.

-Морам да истакнам дека првпат работам со режисер кој дава толку голема слобода на актерот во процесот на работа. Уживав во процесот затоа што слободно го креирав и го градев ликот кој го играм во претставата, рече актерката Вучкова.

Во комедијата настапуваат и Анкица Бенинова, Јулија Милкова, Стојан Велков Трн, Коста Ангов и Танкица Стојанова.

Според раководителот на струмичкиот театар, Драган Маџиров, билетите за двете премиерни изданија за утре и в четврток се продадени, а за петок е закажана трета изведба.