Македонија
29. April 2016 - 12:14

Премиера на претставата „Реонска болница“

Во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Реонска болница“, во режија на Васко Василевски и сценографија на Ане Милошевска. Работена е според текстот на Христо Бојчев, а играат 16 членови на дрмаската секција при ресенскиот Дом на културата.

Претставата, како што информира режисерот и директор на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски, ја промовира илузијата и малите луѓе кои се поборници за „нормален“ и „среќен живот“.

- За публиката ова ќе биде забава, а за нас кои макотрпно ја подготвуваме претставата околу два месеци, е од речиси историски значаен карактер, затоа што ни е прва претстава и прва соработка во ваков состав, со деца кои се во завршните години од основното образование, истакна Василевски.

Ликовите, појасни тој, истовремено се тажни бидејќи се болни, но и среќни бидејќи се надеваат дека ќе излезат од болницата и ќе бидат спасени.

- Пациентите од оваа болничка соба, соба од која никој не го испишуват, се надеваат дека ќе бидат однесени на лекување во Швајцарија. Луѓето од Балканот постојано ја развиваат таа алузија дека овде не е како што треба и дека таму некаде е подобро. Но, надежта последна умира и токму во оваа траги-комедија акцентот е ставен на надежта како основен мотив, како филозофски постулат дека нештата секогаш се менуваат кон подобро, изјави Василевски.

„Реонска болница“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, а под покровителство на градоначалникот на општина Ресен, Ѓоко Стрезовски.

Членовите на драмската секција при Домот на културата „Драги Тозија“ паралелно работат и на претставата „Сомнително лице“ која премиерно ќе биде прикажана кон крајот на мај.