Македонија
6. February 2023 - 16:32

Преговорите со Алијанса траат, Сали вели - „Ќе ме видите уште 5 пати“

Изгубена министерска позиција во здравство, но и неколку директори во клучни институции е понудата што премиерот Ковачевски утре би требало да му ја достави на Африм Гаши за да одлучи дали останува во Владата по влезот на Алијанса во власта, откриваат извори од преговарачките тимови на Ковачевски и Таравари. 

На место на Сали од Алтернатива, неофицијално Алијанса веќе има и свои кадровски понуди: инфектологот Фадиљ Цана и неврологот Фатмир Меџити. Сали пак, вели денешниот настап во јавноста не му е последен како министер не зависно што преговорите Алијанса – СДСМ финишираат.

Веќе е познат и кандидатот за министер за правда – генералниот секретар на Алијанса Кренар Лога.

Сепак, имињата треба да бидат земени со резерва и можни се промени во последен момент, велат изворите. Третото министерско место кое зависи од размените меѓу СДСМ и ДУИ за да се задржи етничкиот баланс во владиниот кабинет дополнително ќе се утврди. 

Алијанса обезбедила и заменик министер за труд и социјална политика, но и најголем дел од директорските и раководните места. Најголеми отстапки во третиот ешалон ќе направи ДУИ, а потоа следат преземањата од Алтернатива, па од СДСМ.

На денешната средба, која веројатно и ќе биде последна меѓу работните групи предводени од Зечевиќ од СДСМ и Лога од Алијанса, се пеглаат разликите околу неколку директорски позиции меѓу кои и они во УЈП.

По ова во наредните два дена се очекува и директна средба Ковачевски – Таравари. Официјалните информации се дека реконструкцијата во парламентот треба да стигне кон средината на месецов.