Македонија
17. May 2022 - 16:33

Преговори за нов Клинички - опозицијата предлага да се догради 8-ми Септември

Градската болница 8-ми септември е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ како најсоодветна локација за нов клинички центар. Но како дел од формираната работна политичка група иницирана од министерот за здравство, нема да бидат и против други решенија кои ќе бидат со разумна цена.  За проектот во  Веле Поле кој тежи половина милијарда евра  од опозициската партија велат дека отпаѓа бидејќи не е финансики оправдан ниту има инфраструктура.

-Ние како партија сме за нов клинички центар кој ќе биде во интерес на граѓаните, финансиски оправдан и на соодветна локација и со соодветна инфраструктура. Еден од нашите предлози е ГОБ 8-ми септември каде има соодветна инфраструктура, вели др. Ристо Симеонот, член на работната група од ВМРО-ДПМНЕ.

Докторите Симеонов и Игор Николов како членови од ВМРО-ДПМНЕ како и останатите претставници од опозицијата и власта чекаат покана од министерот за здравство за работната група да почне со дискусии и наоѓање на најсоодветната локација за клиничкиот кампус.

-Кога има соодветно разумно решение политичката неусогласеност преминува во согласност, вели др. Симеонов.

Вчера и министерот за здравство изјави дека досегашната пречка била политичката неусогласеност и сега со формираната работна група ќе го повлече од собрание законот за нов клинички центар. Беким Сали го дели ставот на опозицијата, локацијата да биде на прифатливо место за граѓаните.

-Клиничкиот центар треба да се изгради на локација која овозможува веќе постоечка логистика, да не се гради каде имаме потреба од дополнителни средства да трошиме за оддалеченост што во минатото можеби било и предмет на дискусија, а тоа воглавно било и причина за блокирање на таков еден предлог.

Освен 8-ми септември во игра е и касарната Илинден како и локацијата во Ѓорче Петров. 13 години овој проект е само на хартија. Дали политичката работна група ќе му помогне на Беким Сали тој да ги удри темелите на новиот клинички центар, ќе покажат следните чекори и активности.