Македонија
22. January 2021 - 16:38

Преговори на историчарите - Ќе се договорат ли за придавката македонски?

Решавање на техничките прашања, па потоа обиди за плодна историска дебата. Откако македонските и бугарските историчари се вратија чекор назад во работата, денеска на онлајн средба во скратен формат бараа начин како да се потпишат записниците од последните две средби.

Заглавија на употребата на придавката “македонски”. Бугарската страна инсистира на почитување на преспанскиот Договор околу нејзината употреба во завршните документи од средбите, додека македонската вели дека станува збор за погрешно толкување на Договорот.

“Пред почетокот на денешната средба, од бугарскиот дел за Сител брифираа дека не станува збор за придавката „македонски“, туку за имињата кои произлегуваат од официјалното државно име на земјава”

Демантираат дека го спорат терминот “македонска комисија за историски прашања”, инсистирајќи на официјалното име на ова тело - мешовита комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Во пресрет на денешната видео средба, копретседателот на бугарскиот тим Ангел Димитров оцени дека напредокот зависи од македонските колеги.

“Крајно време е да престанеме со имитацијата на активност и да даваме лажни сигнали за многу завршена работа, а сè уште „тапкаме“ во Средновековието”, вели Димитров.

Бранувања имаше во македонскиот дел од Комисијата, откако таа доби нов член. ВМРО ДПМНЕ го прозва Заев за овој потег, обвинувајќи дека премиерот со ваквиот потег прави директен притисок за прифаќање на бугарските барања.

Заев демантираше, образложувајќи дека на историчарот му завршил договорот и тој одбил да го продолжи.

Денешната средба не беше во календарот на Мешовитата комисија, а служи како подготвителен состанок пред средбата во полн формат која е закажана за во февруари.