Македонија
26. January 2022 - 16:37

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на пржинската влада, прво ќе се преведе, па ќе биде ставен на собраниска седница

Крајот на пржинската влада се поизвесен. Измените на Законот со кој таа се укинува денеска не се најдоа пред пратениците, но од предлагачот ВМРО ДПМНЕ се задоволни од ставот на собранискиот спикер Џафери, тоа да се случи на една од наредните седници.

“Јас можам да го поздравам само менувањето на ставот од претседателот, се надевам дека ќе следуваат и другите пратенички групи бидејќи после пресот на ВМРО ДПМНЕ изјаснувањето беше дека не е време да се менува Законот, дека ќе се менува 2024 пред изборите. Сега гледаме дека имаме нова ситуација, дека пратеничката група ќе се произнесе во наредниот краток период и дека ќе биде потпишан консензуално”

Измените на Законот опозицијата ги достави во понеделникот, но за два дена не се создадени деловнички услови за текстот да се најде на седница, вели Џафери, кој повика на парламентарен консензус околу ова прашање.

“Законот не е дистрибуиран до пратениците. Се наоѓа во превод и мислам дека многу брзо ќе биде преведен од службите...Од тој момент кога ќе биде доставен до претениците тогаш ќе продолжи расправата. Затоа сега нема предуслови да се стави на гласање”

Од владејачката коалиција претходно се изјаснија дека немаат против укинувањето на пржинската влада, но само со претходна согласност од сите парламентарни партии.

Инаку станува збор за збор за измени со кои се бара укинување на т.н. пржинска влада која се формира 100 дена пред парламентарни избори, со цел нивно подобро и фер организирање.