Македонија
10. July 2020 - 16:31

Предизборни активности на вонпарламентарните партии

Уште само три дена можност за кандидатите за пратеници да им покажат на граѓаните зошто се вредни да го освојат нивниот глас. Преку најразлични теренски активности се борат да ги придобијат особено неопределените гласачи.

„На овие избори конечно сиот тој труд низ изминативе години, сета наша борба и со претходниот режим и со овој режим конечно ќе се валоризира и ќе поставиме нови принципи во Парламентот. Ние сме тука да им покажеме дека можеме да ги поставиме стандардите на едно повисоко ниво за сиот народ, а не само за елитите”, вели Јована Мојсоска од Левица.

Македонски концепт ќе се обиде да го задржи ИТ кадарот во земјава, но и да ги врати веќе отселените инженери.

“Ние од Македонски концепт се залагаме за 0% данок за стартапи во првите 3 години, со што ќе ги стимулираме младите да се насочат кон отворање на стартап бизниси и градење кариера овде, во Македонија”, вели Ивица Мицев од Македонски концепт.

Граѓанската демократска унија ќе го поттикне регионалниот развој преку фискална децентрализација.

“Половина од персоналниот данок од плата на секој вработен да оди во буџетот на општината каде живее, а половина во државниот буџет. Во следната фаза од овој проект се предвидува третина од данокот на додадена вредност, што го плаќаат фирмите, да се врати во општинскиот буџет”, вели Петар Колев од Граѓанско демократската унија.

Интегра смета дека е време за вистинско политичко лидерство.

“Избравме политички лидерства, кои што освен себе си во големата слика не гледаат никој друг. Влегуваат во политика за своите 5 минути, да грабнат што повеќе моќ и власт и криминални пари само за себе и за своите семејства”, вели Љупчо Ристовски од Интегра.

Предизборната кампања завршува во недела на полноќ.