Свет
23. July 2021 - 10:05

Пожар беснее во Јакутск, се шири отровен чад

Топлотниот бран во една од најстудените области во светот предизвика шумски пожари и му се закани на сибирскиот град Јакутск со „воздушна апокалипса“.

Најголема опасност претставува густиот отровен чад, предупредуваат службите за набљудување на атмосферата.

Високото ниво на честички, а можеби и хемикалиите, вклучувајќи озон, бензен и водород цијанид, се причина за едно од најлошите глобални загадувања на воздухот во историјата.

Локалните власти предупредија 320.000 жители да останат во затворен простор за да го избегнат задушувачкиот чад од пожарите, кои би можеле да го соборат минатогодишниот рекорд, пишува лондонски „Гардијан“.

Сателитската анализа покажува дека во последните денови, нивото на ПМ 2,5, односно мали честички кои можат да навлезат во крвотокот и да ги оштетат човечките органи, се зголеми над 1.000 микрограми на метар кубен, што е 40 пати повисоко од препорачаните безбедни нивоа на Светската здравствена организација.

Во вторникот, квалитетот на воздухот во Јакутск беше ПМ 2,5 од 395 микрограми, што спаѓа во екстремна категорија на „воздушна апокалипса“, која по дефиниција носи „непосредни и тешки последици“. Руските социјални мрежи наведуваат дека тоа е 17 пати полошо од просекот во најзагадените градови на Индија или Кина.

Си Ен Ен објави дека чадот се движи дури до Алјаска.

Научниците сметаат дека човечкиот фактор во климатските промени е важна причина за овие случувања.

Јакутск е најстудениот зимски град на планетата, но поради глобалното затоплување, летните температури тука се зголемуваат барем 2,5 пати побрзо од светскиот просек.