Македонија
25. May 2020 - 16:57

Повторно висок број на заразени, Комисијата утре ќе одлучува за рестриктивните мерки

Комисијата за заразни болести утре со полни раце работа. Ќе се одлучува дали ќе биде укинат полицискиот час или ограничувањето на движењето ќе продолжи и во следниот период. Една од главните теми  за кои утре ќе се разговара е и отворањето на границите. По неколку одлагања ќе се носи и одлука  кога угостителите ќе можат да ги отворат летните тераси,  дали ќе може да се одржуваат спортски тренинзи и дали градинките  ќе ги отворат вратите на први јуни.

Во меѓувреме  бројките на новозаразени не стивнуваат. Во послендите 24 часа регистриран е 21 нов случај на Ковид-19 од вкупно направени 258 тестови. Најмногу се во Скопје, 12 лица од кои 9 се од иста фамилија од Чаир. Вкупната  бројка на дијагностицирани достигна 1999. Истовремено оздравени се 17 пациенти. За време пак на продолжениот викенд регистрирани се близу 80 случаи заболени од корона. Најмногу во  неделата. Добра  вест е тоа што два дена по ред нема ниту еден смртен случај.

Бројките од изминатите денови ќе треба да дадат и насока, дали по сабота ќе има и ново продолжување на вонредната состојба. Од Комисијата ќе зависи и конечната одлука на партиските лидери, дали и кога земјава ќе оди на парламентарни избори. Рокот за договор е 30ти мај кога истекуваат последните 14 дена вонредна состојба.