Македонија
24. January 2022 - 9:11

После повеќечасовна битка со огнот, пожарот во објектот на „Жито Битола“ ставен под контрола

После 4-часовна битка со огнот, пожарот во објектот на „Жито Битола“ е ставен под контрола, но ноќеска екипите на битолската противпожарна единица ќе останат за да ја следат ситуацијата.

Командирот Горан Димкоски информираше дека не се дозволи пожарот да се прошири на магацинот и силосите со жито. Инаку пожарот избувна после 17 часот во старата зграда на мелничко-пекарскиот капацитет, а го гаснеа 9 противпожарни возила и 27 пожарникари, а беше побарана и помош од РЕК Битола.

Од СВР Битола информираат дека повредени лица во пожарот нема. Веднаш после избувнувањето на пожарот, пристигна и градоначалникот Коњановски.

- Објектот е пекара, млин и силос. Тој е дел од старата индустриска зона, се работи на тоа да се локализира во границите. Во објектот имале дваца кои го напуштиле објектот, засега нема информација за повредени, рече Тони Коњановски, градоначалник на Битола.

Засега не е позната причината зошто и точно каде избувнал пожарот, а причинета е материјална штета на објектот.