Македонија
20. February 2026 - 17:03

Поскапувањата во јануари и февруари го „изедоа“ зголемувањето на минималецот, велат од ССМ

Уште една илјадарка плус е потребна за да се „истурка“ месецот. Синдикалната минимална кошница за февруари повторно порасна и надмина 67 илјади денари.

Речиси целото месечно поскапување синдикатите го забележале кај храната и пијалоците. За четиричлено семејство, само трпезата чини најмалку 25 илјади денари. Ако се спореди со ланскиот февруари, оваа ставка никогаш не била толку висока како сега.

Единствено минимално поевтинување на месечно ниво, ССМ пресметале кај облеката и обувките.

Ова е втор месец по ред со раст на кошничката од речиси илјада денари.

-За два месеца, од почетокот на годината, веќе го изеде најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаат да им го дадат на работниците за 1.500 денари – вели првиот човек на ССМ, Трендафилов.

Токму затоа, синдикатите бараат минималец од 600 евра, а СДСМ предлага:

-Парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“ – истакна портпаролката на СДСМ, Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се отворени за разговор за минималната плата, „но одлуките мора да се носат институционално, преку Економско-социјалниот совет“.

Во меѓувреме, Државна статистика објави годишен раст на просечната плата од 7,6% и таа изнесува речиси 47 илјади денари.

Сега власта ќе прави математика за да ги спушти коефициентите на функционерските плати. Според нашите информации, измените во шест закони се веќе изготвени и во понеделник ќе бидат поднесени во Собранието.