Македонија
22. јуни 2021 - 21:18

Пораст на просечната плата во услови на пандемија

Зголемување на просечната плата за април за 10 отсто во однос на истиот месец лани бележи Државниот завод за статистика, со што просечната исплатена нето-плата по вработен изнесува 28.438 денари. 

За експертите нејасно е како во услови на криза, затворање на економијата и голем број невработени просекот на платите се качил за дури 10 проценти. 

Она што е интересно е дека меѓу оние работници кои имаат најголемо зголемување на платата се вработените во библиотеките, архивите, музеите и останатите културни дејности од дури 21,4 отсто. Во креативни, уметнички и забавни дејности, пак, платата е зголемена за 18,4 проценти. 

-Мене тоа малку ми е сомнителен податок искрено да ви кажам бидејќи сите тие институции кои ги наведовте во овој период воопшто и не работеа. Од каде, на крајот на краиштата, па средства за зголемување на плата? Јас мислам дека тие податоци не се веродостојни, како е дојдено до нив не би коментирал, не би можел да коментирам, но мене лично ми изгледаат релевантни, вели Раде Ненадиќ.

Разбирливо, најголем пад на платите има во дејностите кои беа најпогодени од пандемијата. Во туристичкиот сектор се бележи бад на платите од 12,6 проценти.

Од секторот велат дека помошта од државата помогнала, но таа била минимална колку да можат да исплатат некакви плати. Сепак, туристичките работници не се оптимисти дека оваа сезона ќе можат да застанат на нозе.

-Кога зборуваме за тоа дали годинава ќе се врати или ќе се кренат платите не можеме ништо со сигурност да кажеме зашто оваа година е еден тест период, генерално за туризмот и за туристичките агенции. Се уште не се почнати да доаѓаат странци во државата. Се уште генерално не е развиено, иако се чувствува некакво придвижување, меѓутоа, мислам дека оваа година ќе биде една година на ресет на туризмот и да се види колку може да се издржи за следната година, вели Ана Марија.

Зголемувањето на просечната плата, премиерот Заев ја препиша како успех на Владата и најави дека и во иднина платите ќе растат.