Македонија
25. May 2016 - 20:53

Попоски за ,,Фигаро‘‘: Границата за нелегалните мигранти ќе остане затворена

Границата на Македонија ќе остане затворена. Ние ја спроведуваме одлуката на Европскиот совет, категоричен е министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервјуто за престижниот париски „Фигаро“.

Според македонскиот шеф на дипломатијата евакуацијата на импровизираниот камп на бегалците во Идомени е најдобтото решение и ќе дозволи да се намали затегнатоста на Македонија со Атина и приливот на илегални мигранти.

На парашањето дека меѓу нив има бегалци,   Попоски одговара дека Грција е таа која треба да види кои се бегалци, кои се мигранти.

- „За нас, сите кои насилно ќе ја поминат границата се илегалци“, вели Попоски во интервјуто за „Фигаро“  .

Министерот за надворешни работи  додава дека земјава понекогаш е обврзана да ги почитува одлуките на ЕУ и ги отфрла обвинувањата дека нашите безбедносни сили користеле гумени куршуми. Тој објаснува дека  полицијата употребила само солзавец при обидите на мигрантите насила да ја поминат границата.

За внатрешната политичка криза во Македонија, секојдневните протести, и како да се излезе од неа, Попоски вели: 

-„Најдобриот начин е преку избори. За тоа има договор меѓу четирите водечки политички партии, но тие беа одложени на два пати бидејќи социјалдемокартите, главната опозициска сила гледа дека испитувањето на јавното мислење не им е наклонето. Кога ќе бидат подготвени, ќе го спроведиме политичкиот договор, кој предвидува ‘техничка влада’ сто дена пред изборите“, објаснува во интервјуто шефот на дипломатијата.

На забелешката за назадување на демократијата во Македонија, Попоски вели дека не е добро кога се преминува низ толку сериозна парламентарна криза и ќе биде наивно да се верува дека тоа нема да има последици за нашата кандидатура за НАТО и ЕУ. Но ние ги исполнуваме критериумите за членство од пред повеќе години без да нашиот случај напредува. Тоа ја разгорува политичката криза, додава Попоски во интервјуто за париски „Фигаро“.