Македонија
24. September 2021 - 19:55

Помина рокот за извештај од Обвинителството

Обвинителството се уште ги нема доказите кои треба да откријат што го предизвика пожарот во тетовската модуларна болница. Првиот човек на Државното обвинителство, Љубомир Јовески, за Сител вели дека во тек е собирањето податоци, но до овој момент биле недоволни да се утврди што ја предизвикало трагедијата.

„Обвинителството прибира повеќе докази и наредени се форензички и други вештачења, според тоа не се обезбедени сите докази и денес не се очекува соопштение за преткриивчната постапка“, вели Јовески.

Во понеделникот, премиерот Заев, изјави дека очекува до крајот на оваа недела да се објават извештаите од истрагата, бидејќи како што рече, сите согледувања биле направени, па прашањето кое се отворало било, дали петтемина обвинители навремено ќе седнат да ги направат извештаите.

Досега, обвинителството објави дека ја побарало целокупната документација за изградбата и поставувањето на објектот, плановите за снабдување со кислород и струја, а се истражувало и дали постоеле мерки за противпожарна заштита.

Според документот за поставување и одржување на монтажниот објект објавен на интернет страницата на општина Тетово, обврска за спроведување на противпожарен план имала раководството на болницата. Задолжени биле директорот и одговорно лице од болницата.

Пожарот во тетовскиот ковид центар се случи пред повеќе од две недели.. Според снимката од безбедносната камера, огнот за неколку минути целосно ја зафаќа модуларната болницата, а се забележуваат и неколку експлозии. Во трагедијата, живи изгореа, 14 лица..