Македонија
6. April 2020 - 20:00

Полициски час во работни денови од 16 до 5 - за викенд целосна забрана за движење-уште 3 жртви на корона

Владата воведува нов поригорозен полициски час. Се забранува движење на граѓаните во целата држава од среда 8 април од 16 до 5 часот утрото наредниот ден. Ова ќе важи за работните денови, а за викендот нема излегување од дома дури 61 саат, односно од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник наутро.

Преку недела лицата над 67 години можат да се движат само од 10 до 12 на пладне, а младите до 18 години од понеделник до петок можат да излезат надвор само од 13 до 15 часот.

За поголема заштита од коронавирусот на предлог на Комисијата за заразни болести Владата забрани повеќе од две лица да не се движат на јавни места освен ако дел од групата се деца на родител помали од 14 години.

Единствено за време на полицискиот час непречено ќе работат здравствените установи и аптеките по претходно направен план.

-Годинава Велигденските и Рамазанските празници, како и сите и други празници, мораме и ќе ги поминеме дома и оваа година верниците своите молитви ќе ги упатат од дома, изјави Оливер Спасовски, технички премиер.

Новите ригорозни мерки се должат на зголемувањето на бројот на заболени од Ковид-19. Изминатото деноноќие регистрирани се 15 новозаразени, со што досега во земјава има 570 случаи со Ковид-19. Уште 7 пациенти се излекувани, а на Инфективната клиника последните 24 часа починаа 3 лица.

-На Инфективната клиника починаа тројца пациенти – 40-годишен жител на Кочани, без познати минати заболувања, примен на 29 март, и двајца тетовци – 69-годишен човек кој имал тумор на мозокот и 65-годишен без познати други минати заболувања, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Според прогнозата на епидемиолозите наредните две до три недели се очекува бројот на заболени со коронавирус во земјава да достигне 2000 до 2.500 лица.