Живот
18. November 2021 - 12:33

Почнува Фестивалот на музика од светот во Битола

Викендов во Битола во организација на Центарот за култура Битола ќе се одржи 13-то издание на Фестивалот на музика од светот, единствениот фестивал кај нас кој влегува во категоријата world music. Годинава програмата опфаќа танго, џез, етно звуци од Балканот и македонски шлагери, како и вклучување на електронската музика во неофицијалната програма.

-Целта на овој фестивал во изминатите 4 години беше  покрај тоа што го опфаќа етното како музика од светот, да се рашири малку за сите музички вкусови, да има публика од сите страни, за сите луѓе да најдат нешто за што би го посетиле овој фестивал, изјави Маја Андоновска Илијевски, директорт на центар за култура. 

Согласно протоколите и последните мерки, капацитетот на Центарот на култура може да биде исполнет 50%, пуштени се во продажба 400 карти, а ќе можат да присуствуваат само оние кои имаат примено две дози вакцина.

-Мене ми е многу жал за сите луѓе кои навистина имаат голем интерес да го проследат фестивал, но мора да ги враќаме заради немањето на тој сертификат. Се надевам дека оваа година ќе биде последна во која што културата ќе мора да работи на ваков начин и да ја селектира својата публика. Сепак ние како Центар за култура сакаме да бидеме отворени за сите и за секој и самиот факт што го реализираме овој Фестивал е да кажеме дека дури и во вакво време ние мора да работиме и дека животот на некој начин мора да тече. Тоа е добро и за нас и за уметниците и за публиката, затоа што живееме во сиво време во кое што уметноста верувам дека може да го обои животот и да му ја врати надежта, рече Андоновска Илијевски.

Фестивалот утре ќе го отвори LIBERCUATRO TANGO ENSEMBLE од Србија, втората вечер е резервирана за балканскиот славеј, Биља Крстиќ, придржувана од Камерниот оркестар на Битола, додека на последната вечер ќе настапат битолски пејачи кои ќе изведат македонски евергрини заедно со Битолскиот дувачки оркестар.